Thursday, October 19, 2017

Есеј ,,Сердарот'' - Григор Прличев

    Во ова лектирно дело се раскажува за Кузман Капидан, борбите против разбојничката банда - Гегите, како и неговата смрт. Настаните во оваа поема се случуваат кон средината на деветнаесеттиот век, во западна Македонија, односно регионот меѓу Галичник и селото Река. Поемата е составена од стихови, петнаестерци кои се заменуваат со осмерци.
Кузман Капидан е син на Неда. Тој потекнува од сердарско семејство и е сердар во селото Река. Кузман бил голем јунак кој се борел против разбојничките банди кои ја напаѓале областа Река. Тој својата храброст и решителност ги покажал во многубројните битки против Гегите. Кузман бил последниот заштитник на Река пред наездата на Албанците. Иако имал многу помала чета од онаа на Албанците (Гегите) тој секогаш ги мотивирал своите соборци за тоа како треба да се борат. Токму поради неговата храброст и тоа дека ги заштитувал жителите на Река, тој бил омилен меѓу народот. Тој многу ја почитувал својата мајка како и неговата сакана Марија. Исто така Кузман во оваа поема е опишан како горд и силен воин кој победил во многу битки. Величенственоста во оваа поема е тоа што од устата на непријателот ја дознаваме вистината за смртта на Кузман. Дури и тие самите биле тажни и и ја признале на Неда големата загуба.
Неда е мајката на Кузман. Во оваа поема таа е претставена како многу храбра и силна жена. Таа храбро ја поднесува смртта на својот син и е спремна да им се спротистави на непријателите и да ја продолжи битката на својот син. Неда е жена на средни години, здрава и силна. Исто така може да се забележи дека таа е решителна, чувствителна, чесна и жена со цврст карактер. Пред да дознае за смртта на нејзиниот син Кузман таа претпоставувала дека нешто лошо ќе се случи бидејки претходната ноќ таа сонувала лош сон. Нејзиното срце се крши кога гледа како четворицата непријатели го носат мртвото тело на Кузман облеано со крв. Таа е многу тажна исто како и останатите жители на Река. Заедно со уште неколку жени, Неда го зема мртвото тело на Кузман и го носи да го измијат а потоа ги замолува четворицата непријатели да го закопаат телото на Кузман.
Во оваа поема се споменуваат и Гегите. Тие се прикажани како разбојничка банда која го напаѓа селото Река. Исто така се прикажани како бездушници,убијци и крадци. Но тие сепак се чувствителни и човечни бидејки го донеле мртвото тело на Кузман, кај мајка му. Со тоа и тие ризикувале бидејки можеле да бидат убиени од жителите на Река кои сакале да се одмаздат.
Оваа поема е составена од 228 строфи со по четири стиха односно катрени од кои првиот и третиот стих се петнаестерци а вториот и четвртиот се осмерци. Со оваа поема Григор Прличев го освоил првото место на натпреварот за најдобра поема на Грчки јазик. Тој го освоил и ловоровиот венец, парична награда, а бил прогласен и за втор Хомер. Во наградата спаѓало и студирање во Берлин или Оксфорд, но таа награда можел да ја добие само ако се изјасни дека е Грк - а тој одбил. ,,Сердарот'' е најпознатото дело на Македонскиот поет и преродбеник Григор Прличев.

No comments:

Post a Comment